Тошковски: За пет дена секој втор возач проверен во Скопје сторил некаков прекршок

од Nikola Popovski
396 прегледи

Од 5.444 полициски контроли извршени во претходните пет дена во Скопје, констатирани се прекршоци кај 2.592 лица, соопшти вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според бројките, речиси секој втор проверен сторил некаков прекршок.

-Од проверените 195 се покажало дека немаат возачка дозвола. Можеби два пати е запрено едно лице, но факт е дека овие луѓе никогаш не полагале возачки испит. Страшно! Ова е по трагичниот инцидент, по смртта на Фросина. Утврдено е дека 19 лица возеле со алкохол во крвта во текот на овие пет дена. Нерегистрирани, значи тоа возило не поминало на технички преглед, никој не констатирал дека е во состојба за да биде управувано – 50. И внимавајте, 695 луѓе управувале побрзо од дозволена брзина, кажа Тошковски во интервјуто за „360 степени“ емитувано на МРТ.

Според Тошковски, полицијата ќе продолжи со засилените контроли, но ги повика граѓаните „да бидат посовесни“ бидејќи главната цел „не е да се казнуваат луѓето и да се полнат буџетот, туку да се почитуваат сообраќајните правила со цел поголема безбедност“.

„Треба да го разбереме проблемот, проблем е несообраќајната дисциплина и огромниот број човечки жртви. Само во последните три години сме имале близу 400 жртви како последица на сообраќајни несреќи. Во 2024 година нивниот број е најголем – 142 жртви (во сообраќајни незгоди). Треба систематски да видиме што треба да се направи за на крајот да имаме позитивни резултати. Колку и да има полицајци на пат, колку и да изречат санкции, ова е само еден начин да се влијае на нормализирање на сообраќајната култура“, рече Тошковски, според кого една од причините лежи во судската пракса во земјава.

„Во Македонија, во случај на сообраќајна несреќа со смртен исход, казната е од 4 до 20 години затвор, во Словенија казната е од 1 до 12, во Хрватска од 3 до 15, во Германија до 10, а во Србија од пет до 15 години затвор, што значи дека проблемот не е во сериозноста на санкциите, бидејќи ги имаме едни од најстрогите во Европа“, објасни првиот полицаец во државата.

Според него, според статистиката, пред 2023 година имало околу 900 случаи на сообраќајни несреќи со смртни последици, од кои само 43 завршиле со затворски казни, а 834 завршиле со парична казна. Кај лицата лишени од слобода нема казни од 10 до 15 години, тројца добија казни од 5 до 10 години, шестмина од 3 до 5 години, седум од 1 до 2 години, шест лица од шест месеци до една година, а 21 лице добија казни затвор до шест месеци.

Последниот случај со усмртената Фросина предизвика масовни протести во Скопје, а возачот ќе одговара за најтешко кривично дело поврзано со безбедноста во сообраќајот и обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.

Слични содржини