Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски го охрабри Јавното обвинителство да отвори постапка за сите предмети за кои што цени дека има незаконитости и ја охрабри опозицијата да отвора теми кои што се од интерес на јавноста, но и да работат во интерес на граѓаните, а не по било која цена да ја оцрнуваат работата на МВР. Ова е поради обвиненијата за тендерската постапка за набавка на униформи за полицијата.
Првиот полицаец во државата негираше дека сопственичката на модното студио во Битола, за кое опозициската СДСМ обвини дека е основано непосредно пред распишување на тендерот и е со двајца вработени, е пријателка на неговата сопруга.
-Ве замолувам со посериозни прашања. Ниту знам кој е сопственик на модното студио ниту верувам кој и да е сопственик дека е блиска пријателка на мојата сопруга. Од ова прашање, народот многу добро ќе сфати ова е една од хајките против мене. Досега не верувам дека во историја имало две интерпелации за три месеци против било кој политичар. Досега не верувам дека во историја на Македонија се истражувани сите предмети на еден адвокат во неговата 14-годишна историја и како се поврзувани странките со него. Досега во историја на Македонија не верувам дека се истражувани родителите, браќата, кумашините, братучедите, комшиите на било кој политичар кој вршел функција од година дена на одреден позиција, рече Тошковски при посетата на полициската станица во Жеровјане, општина Брвеница.
Одговорот на Тошковски следува откако СДСМ соопшти дека 20 дена по основање, фирма од МВР добива 4 милиони евра. Сметаат дека Тошковски е фатен жив во скандал.
-Тошковски сам го потврди скандалот, признавајќи дека договори склучила и фирма само со двајца вработени. Во обидот да се оправда, Тошковски се дозаплетка, со низа контрадикторности и небулози –со што ги потврди сите сомнежи за класична, организирана корупциска шема, рекоа меѓу другото од „Бихаќка“ преку соопштение.