Тошковски: Законот за прекршоци овозможува целосна примена на „Безбеден град“, опозицијата гласаше против

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се огласи по денешното изгласување на измените на Законот за прекршоци, со кои се овозможува целосна имплементација на системот „Безбеден град“, оценувајќи дека станува збор за одлука од клучно значење за безбедноста на граѓаните.

од desk4
12 прегледи Фото: Фејсбук/МВР

Во објава на социјалните мрежи, Тошковски истакна дека со донесувањето на законот се испраќа јасна порака оти безбедноста во сообраќајот и заштитата на човечките животи треба да бидат над дневнополитичките интереси.

Според него, новото законско решение претставува системски чекор во справувањето со сообраќајниот хаос и со големиот број сообраќајни несреќи со тешки последици. Тој им се заблагодари на пратениците кои го поддржале законот, нагласувајќи дека системот „Безбеден град“ има превентивна, а не казнена улога.

Министерот упати и благодарност до граѓаните, посочувајќи дека нивното одговорно однесување во текот на тест-периодот било клучно за позитивните резултати.

„Промената на навиките, почитувањето на сообраќајните правила и зголемената свесност директно придонесоа за намалување на несреќите, повредите и жртвите. Системот не е насочен кон казнување, туку кон спасување животи“, порача Тошковски.

Истовремено, тој остро реагираше на начинот на кој гласаа СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека нивната одлука е резултат на партиски калкулации, а не грижа за јавната безбедност.

Според министерот, станувало збор за избор помеѓу поддршка на мерки што, како што рече, веќе даваат резултати и спасуваат животи, и политичко позиционирање, при што, како што оцени, опозицијата се определила за второто.

Законот за прекршоци, со кој се заокружува правната рамка за функционирање на системот „Безбеден град“, ќе стапи во сила на 1 февруари.