Тошковски: Значително намалени жртвите во сообраќајот по стартот на „Безбеден град“

Бројот на жртви и повредени во сообраќајни несреќи во Скопје е драстично намален откако започна пробниот период на проектот „Безбеден град“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

од desk4
9 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

„Горд сум на граѓаните затоа што имаме драстично намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи во Скопје откако почна пробниот период на ‘Безбеден град’“, рече Тошковски во телевизиско гостување.

Тој нагласи дека резултатите се постигнати без изрекување казни и претставуваат показател за подигната сообраќајна култура.
„Сакам да им се заблагодарам на граѓаните затоа што докажаа дека без казни успеаја бројот на загинати да го намалат од 11 на два смртни случаи во периодот декември–јануари, споредено со истиот период една година претходно“, изјави министерот.

Според неговите податоци, во првите 50 дена од функционирањето на системот „Безбеден град“, бројот на повредени лица на територијата на СВР Скопје е намален за 35 проценти.

Тошковски појасни дека примарната цел на проектот не е казнување, туку превенција.
„Целта е да се зголеми безбедносната култура кај граѓаните, а како последица да имаме што е можно помалку сообраќајни прекршоци, помалку повредени и, најважно, што е можно помалку човечки жртви“, истакна тој.

Министерот додаде дека иако бројот на прекршоци е значително намален, сè уште станува збор за сериозна бројка.
„Почнавме од околу 100.000 прекршоци дневно, но сега тие се драстично помалку. Сепак, и понатаму станува збор за голем број“, рече Тошковски.

Тој објасни дека системот „Безбеден град“ ќе санкционира четири типа прекршоци: минување на црвено светло, возење со брзина над дозволената, неправилно паркирање и управување нерегистрирано возило. Притоа нагласи дека паметните камери не се новитет за МВР.

„Оваа придобивка на паметните камери ја имаме веќе 15 години. Министерството за внатрешни работи долго време ги користи во оперативната и криминалистичката работа за откривање кривични дела, а така ќе биде и понатаму“, рече Тошковски.

Во однос на наплатата на казните, министерот најави повеќе можности за плаќање.
Тој посочи дека платниот налог ќе може да се регулира електронски, во банка, во која било полициска станица, како и преку сите електронски апликации на банките.

„Ќе има и посебна апликација изработена од МВР, со високо ниво на заштита и автентификација. Преку неа граѓаните ќе можат да добиваат известувања, да вршат увид во изречените санкции и директно да ги подмируваат обврските“, изјави министерот Тошковски.

Проектот „Безбеден град“ продолжува во пробна фаза, а надлежните очекуваат дека ефектите врз безбедноста во сообраќајот ќе бидат уште поизразени со неговата целосна имплементација.