Тотенхем пред нов почеток: Европска надеж и смена на тренерот на повидок

од Љубиша Владимиров
55 прегледи

Во сезона која навивачите на Тотенхем би сакале што побрзо да ја заборават, клубот од северен Лондон минува низ турбулентен период – и на теренот и надвор од него. Спарс моментално се наоѓаат на 16. место во Премиер лигата, а опстанокот во елитата го обезбедија дури во последното коло.

Формата на тимот во последните пет кола дополнително ја нагласува длабочината на кризата – четири порази и само една победа, и тоа против последнопласираниот Саутемптон. Сепак, трошка надеж останува во европското натпреварување: Тотенхем се пласираше во полуфиналето на Лига Европа, каде што ќе се соочи со норвешкиот Бодо/Глимт. Победникот од тој двомеч ќе игра во финалето против подобриот од дуелот меѓу Манчестер Јунајтед и Атлетик Билбао.

Освојувањето на Лигата на Европа не само што би значело прв трофеј по 2008 година – кога Спарс го совладаа Челзи со 2-1 во финалето на Лига купот – туку би донело и директен пласман во Лигата на шампионите. Тоа би била значајна финансиска инјекција за клубот, особено по неуспесите на домашната сцена оваа сезона.

Слабите резултати го отворија и прашањето за иднината на тренерот Анже Постекоглу. Австралиецот сè почесто дава сигнали дека е свесен за можниот крај на својата епизода на клупата. Британскиот The Sun објави дека раководството на клубот, вклучително и претседателот Даниел Леви, веќе има јасна визија за негов наследник – Скот Паркер.

Паркер, поранешен играч на Тотенхем, моментално го води Барнли и штотуку обезбеди промоција во Премиер лигата со победа над Шефилд Јунајтед. Иако неговите претходни ангажмани во елитата со Фулам и Бурнемаут не оставија посебен впечаток, во таборот на Спарс се смета за еден од најперспективните млади англиски тренери.

Слични содржини