Планинарско еколошкото друштво „Ендорфини“ од Кичево, завчера го изведе традиционалното искачување на Илинска Планина на врвот Лиска на 1.908 метри надморска височина. Петнаесет членови на друштвото не ги поколебаа ниту надојдените реки ни потоци, ниту калливиот и тежок терен и, сите погледи беа свртени кон единствената нивна цел врвот Лиска.

– Иако денот започна врнежливо, дождот полека му го отстапуваше местото на сонцето. Одејќи во длабочината на шумата, соголените гранки постепено се облекуваа во бел шал, за во наредниот миг целосно да бидеме опколени од снежно белило. Како одевме се повисоко, така снегот беше се подлабок а движењето се побавно. Движејќи се, така стигнавме и до Рудина, каде од прва рака ја доживавме суровоста на планината. Најпрво не облеа сончевина, потоа сонцето се појави во споредна улога од зад надојдените облаци, за на крајот да бидеме препуштени на милоста на ветерот. Попатно не не одмина ниту маглата, како најава дека ќе не следи до самиот врв, од каде не можевме ништо да видиме освен смрзнатата табла на Лиска и белината на длабокиот снег. По краткиот престој на врвот, се упативме назад од каде што дојдовме, со надеж дека следниот пат планината ќе биде помилостива бидејќи како таква и ја знаеме.На крајот со ендорфински поздрав си ветивме, дека и до година во исто време ќе бидеме на истото место – најавија Елена Секулоска и Давор Јанкулоски, членови на ПЕД „Ендорфини“ од Кичево.