Едно лице го загуби животот, а има и повредени во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на аеродромот во Охрид. Според првичните информации, до несреќата дошло при судар на две патнички возила.
Според Министерството за внатрешни работи до несреќата дошло во 20:40 часот кога се судриле „цитроен“ со охридски регистарски ознаки, управуван од В.Б. (83) од Охрид, и „ауди“ со албански национални ознаки, управувано од А.М. (36) од с. Синичане, општина Боговиње.
-На местото на несреќата починал возачот В.Б., а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош, појаснуваат од СВР Охрид.
По насока на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. Со телесни повреди се здобиле возачот на второто возило, А.М., и неговиот сопатник Б.Б. (24) од Куманово. Повредените се префрлени во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, каде им се укажува лекарска помош.
Извршен е увид за утврдување на околностите што довеле до трагичниот настан.