Ридот Гроот над Велес, чие каменито срце често е тивка позадина на авантурите на љубителите на природата, денеска стана сцена на тивка трагедија. Пензионираниот инженер и долгогодишен планинар Стојче Пецевски, кој исчезна во саботата околу 10:50 часот, е пронајден мртов – потврди Центарот за управување со кризи.
Се работи за човек кој не го носеше природата само во нозете, туку и во душата. Стојче беше познат во локалната заедница како страстен планинар и личност со беспрекорна дисциплина. Затоа, неговото исчезнување го вклучи алармот – не само кај институциите, туку и во срцата на неговите сограѓани.
Потрагата која започна веднаш по пријавата ја водеше Министерството за внатрешни работи. Ноќта што следеше не донесе одговори, туку само зголемен немир. На терен, заедно со семејството, се приклучи и Надир Мурсели – еден од најискусните планинари и спасители во земјава.
„За жал, лицето е пронајдено починато. Причините за смртта засега не се познати“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК. Телото било лоцирано непосредно пред да полета полицискиот хеликоптер, чиј лет дотогаш го попречуваа лошите временски услови.
Иако телото е пронајдено, одговорите сè уште недостасуваат. Дали се работи за несреќа? Дали срцето на планинарот не издржа? Или, пак, нешто друго се крие зад тишината на Гроот?
Семејството, пријателите, и целата велешка заедница остануваат во очекување на официјалниот извештај на надлежните органи. Но, едно е сигурно – Стојче Пецевски ја заврши својата последна прошетка токму таму каде што се чувствувал најмирно – меѓу карпите, под отворено небо.