Трагичен рекорд во САД: „Тое е епидемија на предозирање“

од Stefanija Kuzmanovska
357 прегледи

Повеќе од 107.000 Американци починаа минатата година од прекумерна употреба на дрога, поставувајќи трагичен рекорд во епидемијата на предозирање во САД.

Ова го покажаа проценките на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Тоа значи дека во 2021 година на секои пет минути била регистрирана по една жртва на предозирање, а бројот на смртни случаи се зголемил за 15 отсто во споредба со претходниот рекорд поставен една година претходно, пренесува „Асошиејтед прес“.

Д-р Нора Волков, директор на Американскиот национален институт за зависност од дрога, ги нарече последните бројки „навистина зачудувачки“, пренесува „Гласот на Америка“.

Белата куќа соопшти дека забрзувањето на стапката на смртност од злоупотреба на дрога е „неприфатливо“ и укажа на неодамна објавената национална стратегија за контрола на дрогата.

Стратегијата бара мерки како што се пристап до третман за повеќе луѓе, запирање на трговијата со дрога и поголема достапност на лекот налоксон, кој се користи за да се отстранат ефектите од предозирање.

Бројот на жртви од предозирање во Соединетите Држави расте во поголемиот дел од годината, повеќе од две децении.

Почна да се зголемува во 1990-тите со предозирање со лекови против болки, проследено со бран на смртни случаи поради прекумерна употреба на други опијати како хероин и, во моментов, нелегален фентанил.

Минатата година, бројот на случаи на предозирање со фентанил и други синтетички опијати надмина 71.000, што е за 23 отсто повеќе од претходната година.

Бројот на смртни случаи од прекумерна употреба на кокаин исто така се зголеми за 23 отсто, а метамфетаминот и другите стимуланси за 34 отсто.

Податоците за жртвите значително се разликуваат од земја до земја.

Алјаска забележа пораст од 75 отсто во 2021 година, што е највисоко од која било американска држава, додека на Хаваи забележано е пад на предозирањето за 2 отсто, пренесе „Гласот на Америка“.

Слични содржини