Мојот став е принципиелен и познат, не поддржувам трансфер на пратеници и не учествувам во никакви пазарења за ново парламентарно мнозинство или проширување на постојното, вели во својата реакција лидерот на ДС, Павле Трајанов во врска со изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој посочи дека опозицијата има разговарано за мнозинството со помалите партии.
-Сакам да укажам дека јас сум претседател на Демократскиот сојуз, автентична политичка партија и моето дејствување, како и на партијата Демократски сојуз е во интерес на граѓаните и националните државни интереси.Жалам што досега двете најголеми партии не можат да изградат заеднички став околу круцијалните државни интереси, вклучително и за евроинтеграциските процеси.Во услови кога има сериозни сигнали дека наскоро ќе започнат преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ, најмалку ни е потребна политичка криза и нестабилност на државата, вели Трајанов.
Мицкоски денеска кажа дека не е точно дека не се разговарало со малите партии да се приклучат кон новото мнозинство.
-Нека ги праша луѓето околу себе, колегите во Собранието. Инаку, да бидам јасен, точно е со него не сме разговарале бидејќи тој е последниот бастион на СДСМ, рече Мицкоски.