Самитот на НАТО во Мадрид е можност да се објасни штетноста на бугарската блокада за европската интеграција на РСМ и за единството во НАТО, вели лидерот на Демократски Сојуз, Павле Трајанов.
Пред НАТО, Пендаровски може да се пофали со целосно усогласена надворешна политика со политиките на Алијансата и на ЕУ, оценува Трајанов.
Претседателот Стево Пендаровски може пред учесниците на Самитот на НАТО во Мадрид да ги актуелизира евроинтеграциските процеси на Македонија и да ги нагласи ирационалните барања на Бугарија, со кои се оспорува македонскиот идентитет, јазикот, историјата, како и уцените за промена на Уставот, како предуслов за тргање на ветото и почнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.
На ова повикува лидерот на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов, кој смета дека самитот на НАТО во Мадрид е одлична можност да се објасни штетноста на бугарската блокада и за единството во Алијансата.
„Пред премирите или претседателите на најмоќните членки на НАТО, Пендаровски може да се пофали со целосно усогласена надворешна политика со политиките на НАТО и ЕУ, поврзани со инвазијата на Русија над Украина, меѓу кои и помошта на Украина и санкциите кон Русија. Геостратегиски интерес е Македонија да биде членка на ЕУ, при што отворањето на поглавјата клучни за евроинтеграција ќе ги маргинализира или целосно ќе ги парализира силите кои сакаaт Македонија да буде црна дупка на Балканот. Нема потреба да бидеме молчеливи. Само ако имаме јасни ставови и аргументи и ако ги актуализираме, тогаш можат да нѐ разберат и другите, а Бугарија да сфати дека со блокадата на Македонија прави огромни штети и го руши единството во НАТО“, аргументира лидерот на ДС.
Според него, францускиот предлог за надминување на спорот наметнат од Бугарија, само ги зајакна позициите на Бугарија и нивната агресивна негаторска политика, при што, наместо да прокламира европски вредности и принципи, нѐ враќа во балканската историска кал.
Ова не е прв повик за бугарскиот однос кон РСМ да се проговори и во дворот на Алијансата, со оглед дека ветото засега две членки на НАТО – Албанија и Северна Македонија, а во време кога се води војна на тлото на Европа. Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон и експерт за Балканот, во повеќе наврати предупредува дека односот на Бугарија веќе е проблем и на НАТО.
„НАТО-членкатa Бугарија ја користи својата позиција на ЕУ-членка за ефективно да врши идентитетска агресија што е форма на агресија врз друг НАТО сојузник. Не може ова да го имаме во НАТО. Овој тип на агресија е сличен на она што го прави Русија во Украина, кога ѝ вели дека е вештачка држава. Тоа го прави Бугарија, ви вели – вие сте вештачка нација, вие сте Бугарија, вашиот јазик е бугарски, вашата историја до 1944 е бугарска. Ние велиме дека тоа е неприфатливо. Путин го прави тоа со бомби, Бугарија со блокирање. Ова е проблем на НАТО, затоа што една членка врши агресија на друга. Но ова е и проблем на САД, затоа што претседателот Румен Радев и други функционери го користат ова прашање за агенда што е во сојузништво со Путин. Оние кои го користат ова прашање во Бугарија се сојузници на Путин“, рече Џозеф за Агенда 35 на МТВ.
Павле Трајанов смета дека самитот на НАТО во Мадрид е одлична можност да се објасни штетноста на бугарската блокада за единството во Алијансата