На денешната седница во Парламентот, пратеникот Павле Трајанов, побара да се деблокира постапката за измени на Изборниот законик, со кои се предлага, Македонија да биде една изборна единица.
-Сакам да искажам благодарност до сите новинари кои година дена дадоа огромна поддршка за измените на Изборниот законик, со кои ќе се демократизира Македонија, но и ќе се овозможат услови за да граѓаните имаат избор при гласањето, кажа Трајанов
Тој посочи дека мнозинството пратеници ги поддржуваат промените поради што е неопходно да се деблокира донесувањето на овие измени.
Трајанов најави дека наредните денови ќе се направат консултации со предлагачите и поддржувачите на законот, се со цел да се деблокира процесот на реформи во изборните правила.
-Ние сме одговорни пратеници, свесни сме за рефлексиите на војната во Украина, но Парламентот треба да продолжи со работа и реформите да продолжат.Во услови на нарушена стабилност во Европа и Балканот, Владата има сериозни обврски, но нема никакви пречки Парламентот нормално да работи, кажа Трајанов.