Трајанов: Со една изборна единица ќе има еднакви шанси за политички натпревар на партиите

од Nikola Popovski
218 прегледи

Лидерот на Демократски сојуз и пратеник во Собранието, Павле Трајанов утрово информира дека по повеќе од две години блокада, денес во Парламентот ќе започне расправа по Предлог -измените на Изборниот законик, со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, при што останува пропорционален модел, без изборен праг и решение за самостоен настап на помалите етнички заедници.

Како што вели, со измените се создаваат еднакви шанси за политички натпревар на партиите и независни кандидати за пратеници и се обезбедува иста тежина на секој глас и основи за демократизација на изборните правила и на државата во целина.

-Составот на парламентот ќе биде одраз на волјата на граѓаните, повеќе партии и поединци ќе влијаат во носењето на круцијални одлуки, водејќи сметка за стратешките и национални прашања.

Ги повикувам сите предлагачи и пратеници да се вклучат во расправата и преку сериозна и аргументирана дискусија да се одлучува, стои во изјавата на Трајанов.

Инаку, во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, сепак остануваат без пратеничко место.

Согласно постојниот изборен систем на парламентарните избори се избираат 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, а тројца пратеници (од редовите на дијаспората) се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.

Слични содржини