Трајанов за „Стандард“: Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мораме да се справиме

од Берта Китинска
469 прегледи

Ветото на Бугарија со кое се пресече и усвојувањето на преговарачката рамка е брутален и неразумен чин наспроти определбата на другите 27 членки на ЕУ. Неспорно е дека блокадата на Македонија ќе се одрази и на вкупните состојби на Балканот, неговата стабилност и потребата од отвореност на границите. Перспективите на Балканските држави за влез во ЕУ, ќе бидат долготрјани и неизвесни, доколку преку овој европски пат има обиди да се уцени и сл. По се изгледа дека Балканот и натаму живее со историски комплекси и не е зрел за демократски исчекор, вели во интервјуто за „Стандард“, пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

На прашањето каде погреши здравствениот систем и дали треба да се обвинува само Филипче за зголемениот број на заболени и починати од Ковид-19, тој вели дека немаме закон за воена и вонредна состојба и дека имаме нефункционален систем за дејствување во услови на кризи, како и „лошо поставен и партизиран здравствен систем“.

-Врвни експерти – доктори заминаа во странство итн. Ефектите се тие, без разлика дали е министер еден или друг. Доколку има кандидат за министер за здравство со план за ефикасна борба против коронавирусот, нека се промовира во јавноста и верувам дека ќе добие поддршка. Критиката е здрава, но треба сите потенцијали да се вклучат без импровизации и печалење политички поени на кризата која е проследена со големи и тешки последици по здравјето на граѓаните, смета лидерот на ДС.

За борбата против организираниот криминал и улогата на МВР во однос на ветените реформи од оваа Влада, Трајанов смета дека „најтешко е да се раководи со партизирани безбедносни служби“.

– Системот за безбедност е реформиран, но не и начинот и методологијата на работа, држењето до високи професионални стандарди. Партиите се борат за поголемо влијание и употреба на безбедносните служби за партиски и лични интереси. Моето искуство кажува дека многу тешко се одлучува да се анализира работата на актуелни носители на власт. Борбата против криминалот мора да биде неселективна. Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мораме да се справиме, вели тој.

Слични содржини