Членот на ГРОМ и поранешен кандидат за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски ја потсетува јавноста дека актуелната власт додека беше опозиција организираше протести токму против поскапувањето на струјата. Обелодени дека со мегафони и прес-конференции, пред изборите во 2024 година, тогашната опозиција ветуваше дека „ќе нè заштитат од енергетскиот удар и дека ќе ја укинат тарифата за пристап до мрежа“.
Трајановски потсетува дека во тоа време, претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, како што вели, беше нивното омилено страшило, главниот виновник за осиромашувањето на граѓаните, симбол на „лошата власт“ и мета на секој прес.
„Сте слушнале ли денес еден, ама баш еден лош збор за Бислимовски, откако Мицкоски е на власт? НЕ. Во пресрет на празниците, истите тие „душегрижници“ за достоинствен живот на граѓаните, оние што ветуваа дека ќе нè направат повторно горди, направија сè, освен да ги исполнат ветувањата. Што добија граѓаните наместо ветената грижа – поскaпa струја, поскaпe парното, не се откажаа од акцизата на горивата, иако ја бараа додека беа опозиција, се очекува и поскапување на цената на водата, потрошувачката кошничка расте од 5 до 10 евра секој месец, нема стратегија, контрола ниту решение за цените во маркетите и пазарите, успеаја да ја суспендираат ИПАРД програмата – поради мито и корупција, роварат по сметките и приливите на граѓаните од 2020 година во обид да исцедат уште пари“, наведува членот на ГРОМ, задржувајќи се на, како што вели, казната за знаење, а награда за сиромаштија.
„Во оваа држава, ако имате фирма што извезува, сте ослободени од плаќање ДДВ. Извозот е со нула-стапка (0%) на ДДВ, а компаниите имаат право на поврат на претходно платениот данок. Тоа е нормална, европска логика. Но ако сте физичко лице кое продава интелектуална услуга, знаење, искуство, дигитален производ, тогаш сте даночен проблем.
Морате да плаќате данок, придонеси, казни, камати, буквално сè. Државата не ве гледа како потенцијал, туку како извор за полнење на дупки во буџетот.
Логиката на оваа власт е брутално јасна – продавајте френки, чушки и картофи, но, не продавајте знаење, идеи и интелект.
Во 21 век, со дигитална економија, со млади што работат за странски пазари од своите домови, власта испраќа јасна порака: „Останете сиромашни, бидете зависни и молчете.“ Ова не е економска политика. Ова е принуда за иселување. Ова е казнена политика кон сопствениот народ“, заклучува Трајановски во објавата.