Трајановски: Најголемиот „душман“ на БРТ сега е негов реализатор

„Ниту Владата, ниту Мицкоски го одврзале ќесето за да ги „частат“ скопјани брз автобуски превоз. Тоа се пари од кредит од Европската банка за обнова и развој кои стојат на наменска сметка пет години затоа што некој водел инат со Град Скопје“, порача Трајановски

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Коалиција за успех

Според екс-заменик градоначалникот на Град Скопје и член на ГРОМ, Александар Трајановски, отпочнувањето на БРТ проектот во 2026, наместо во 2021 година е уште еден доказ колку политиката кај нас не е во интерес на граѓаните и општеството. Според Трајановски, дополнителна поткрепа на ова е што токму, како што вели, „душманот“ на БРТ сега е негов реализатор.

„Дали сте слушнале или прочитале еден добар збор за овој проект од ВМРО-ДПМНЕ? Јас не! И не само тоа, во моите два мандати како советник во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш нема гласано ЗА отпочнување на овој проект. Ниту еднаш!

Сега, најголемиот проблем и „душман “за отпочнување на БРТ-то е реализатор на истот. Значи, не бил проблем проектот. Проблем било кој го предложил или уште потрагично, во чие време на власт ќе се тендерира“, порачува Трајановски.

Според него, овие пет години кои ВМРО-ДПМНЕ ги потрошила во блокирање на БРТ, не биле само инат.

„Овие пет години, инаетот на ВМРО-ДПМНЕ, скопјани ги чинеше пари за нешто што не го добиле, ниту го користат, а мора да плаќаат. Инаку ниту Владата, ниту Мицкоски го одврзале ќесето за да ги „частат“ скопјани брз автобуски превоз. Тоа се пари од кредит од Европската банка за обнова и развој кои стојат на наменска сметка пет години затоа што некој водел инат со Град Скопје.

За кредитот од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) кој е земен 2021 година, се плаќа годишна камата од околу 330.000 евра. За пет години тоа се 1.650.000 евра. Во автобуси тоа се 6 нови електрични или 9 обични. Ете толку ги чини скопјани „само“ овој пет годишен инат на ВМРО-ДПМНЕ за БРТ“, порачува Трајановски.