Членот на ГРОМ и екс-кандидат за градоначалник на Скопје, Александар Трајановски смета дека Македонија пред да влезе во процесот за спроведување на уставните измени за да ја внесеме бугарската заедница во Преамбулата, треба да го промени Законот за употреба на јазиците. Според него, тој Закон може да биде сериозно опасен за државата.
-Сега одредена политичка елита на една етничка заедница, конкретно албанската, го користи Законот за употреба на јазиците дека со тоа се наметнува албанскиот јазик како втор официјален државен јазик што не е така. Во Законот и регулативите, многу прецизно е напишано дека втор официјален закон за комуникација со институциите е законот на заедницата која што е застапена со над 20% во одредено место на живеење. Кај нас тоа некој проба да го прелее на цела територија на Македонија што не е според Законот. Ние доколку би ги внеле Бугарите во Уставот, каде што Бугарија постојано фактографски алудира дека во Македонија има 120 илјади бугарски пасоши. Тука иде дилемата каде според нашиот попис се произнесоа 3504 Бугари, но Софија се уште ги турка нивните податоци. Ние сега кога би влегле во политичка пресметка, ќе се надеваме дека голем број од тие бугарски економски пасоши ќе се откажат во интерес на Македонија, но доколку не се случи тоа, Бугарија во источниот дел на Македонија во Крива Паланка, Берово, Делчево…може да се повика дека втор официјален јазик во овие градови и на територијата е бугарскиот јазик, кажа Трајановски во емисијата „Само вистина“.
Трајановски додава дека за да можеме „безгрижно да ги прифатиме Бугарите како државотворен народ, без да имаме политички последици, ова е еден процесот што треба да се земе во предвид“.