Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски вели дека најмногу го боли тоа што „членови кои добиле се од партијата и доколку не им била партијата во даден момент од животот, немале да успеат во своите амбиции, некогаш се вртат против партијата“. според него, тоа не се сугестии како СДСМ да се движи подобро туку бараат промена на лидерот на партијата, Венко Филипче и целото раководство.
-Ако ние сме имале избор за претседател на партија каде што скоро 23 илјади членови го дале гласот, каде што легитимно можел да се кандидира било кој, а никој не се појавил од тие што барале, како тогаш ние да кажеме дека не е легитимно владеењето на претседателот на СДСМ, додава Трајановски.
Потпретседателот потенцира дека СДСМ е консолидирана и дека се повеќе луѓе доаѓаат во централата на партијата на „Бихаќка“.
-Сега кога ќе дојдете во централата на „Бихаќка“ ќе видите дека нема место каде да ја оставите колата. Секојдневно има состаноци со комисии и пратеничката група. Имало ситуации кога и тој мал паркинг бил празен. Партијата ја пали својата локомотива и кога базата функционира, се спремаме и ги црпиме идеите за програмскиот конгрес кој што треба да следува, истакна Трајановски.
Трајановски нагласи дека намерата на власта за носење мигранти или т.н. „економски работници“ во земјата е разобличена и со законските измени за олеснување на вработувањето на странски работници, што како што посочи, е всушност прикривање на влезот на мигранти во земјата.
-Се води кон тоа. Дали ќе ги крстиме економски работници или мигранти, се води кон тоа. Пак ќе бидат одбиени луѓе од Обединетото Кралство, кои тука ќе ја земат работоспособноста на нашите работници. И од таму е тоа стопирање за покачување на минималната плата за нашите работници, изјави Трајановски во емисијата „360 степени“.
Тој додаде дека веќе има примери каде домашни работници се отпуштаат, а за сметка на тоа се задржуваат странските работници.
-Законот во Собрание се донесе за олеснување на економските работници за 2026 година. Бехтел и ЕНКА отпушта наши работници, а странските работници ги задржуваат. Дали се тоа мигранти или ќе ги прошверцува Владата како економски работници, тоа за мене е исто, истакна Трајановски.
Во интервјуто, Трајановски посочи дека темата за мигрантите не ја отвори СДСМ, туку реномирани британски медиуми, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ до ден-денес не покажа транспарентност кон јавноста и избегнува да даде јасни одговори пред граѓаните дали се водат преговори за прифаќање мигранти во државата.