Трајановски вети турбо кружен тек кај Хубо маркет

од desk2
129 прегледи

Нови и модерни сообраќајни решенија во насока на подобрување на сообраќајот во Скопје е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за наредните четири години, изјави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Едни од капиталните проекти за подобрување на сообраќајот во Скопје е изградбата на нова турбо кружна крстосница кај Хубо Маркет, како и изградбата на натпатник на крстосницата кон економската зона Визбегово, рече Трајановски. Тој истакна дека на овие локации се создаваат големи сообраќајни метежи бидејќи тука е поврзувањето на општините Карпош и Ѓорче Петров со Бутел, Чаир и Шуто Оризари, како и сите возила кои одат кон економската зона Визбегово и има голема фреквентност на возила.

– Во мојата програма предвидувам надминување на сообраќајните метежи преку изградба на овие две модерни сообраќајни решенија. Првото решение ќе биде изградба на турбо кружен тек меѓу булеварот 8 Септември и улицата Скупи, кај Хубо маркет. Втората сообраќајница ќе биде изградба на натпатник на две нивоа на раскрсницата помеѓу кракот од булеварот 8 Септември, булеварот Никола Карев и Јадранската магистрала на семафорите на влезот на економската зона Визбегово.

Со изградбата на овие сообраќајници, ќе се добијат две модерни сообраќајни решенија со кои трајно ќе се реши сообраќајниот метеж коишто се создава на овие локации. Со нивната изградба ќе се тргнат семаформите коишто постојат на овие две локации, ќе се надмине метежот кој постојано се создава на овие две локации, а воедно ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, кажа Трајановски.