Tрајановски: Време е да се одблокира процесот за БРТ и да се набават нови автобуси

„Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата“, нагласи Трајановски

од Nikola Popovski
12 прегледи

Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.

„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.

Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.

Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.

Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.

Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.

„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.