Трајановски за „Локално“: Очекувам собирање на опозициските гласови на моја сметка, верувам дека и сега ќе гласаат за промени

Аеродромците да размислат за кого ќе го дадат својот глас, во нив е клучот на промените, вели Трајановски на ден пред изборниот молк

од Бисера Трајковска
40 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на д-р Александар Трајковски

На изборите кои ќе се одржат во недела очекувам собирање на опозициските гласови на моја сметка, затоа што верувам дека сите кои што гласале против актуелната локалната власт, и сега ќе гласаат за промени, вели за „Локално“ кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, Александар Трајановски.

Кандидатот од СДСМ на Аеродромците пред излегување на кутиите во недела, им порача да размислат убаво за кого ќе го дадат својот глас, затоа што како што потенцира, во нив е клучот на промените во Општина Аеродром.

Трајановски посочи оти очекува дека ќе победи на вториот круг од локалните избори и ги наброја петте најважни проекти за Аеродром на кои ќе се насочи, доколку ја добие довербата од граѓаните.

Како што напомена, најпрвин ќе се насочи кон тоа да ја исчисти целата општина Аеродром, а вториот проект ќе биде почеток на изградба на една од двете ветени градинки.

-Прво ќе почнам со чистење на цел Аеродром, а вториот проект ќе биде изградба на една од двете ветени градинки. Исто така, ќе започнам со изградба на општинската зграда, затоа што се плаќаат месечни кирии од околу 10 илјади евра. Тоа се пари на граѓаните. Четвртиот проект кој би го спровел е субвенционирање на инвертeр клими. Ова ќе биде насочено кон граѓаните кои се греат со ќумбиња, а целта е да се намали загаденоста. Секако, во мојот мандат фокусот ќе биде ставен и на младите, посочи Трајановски.

Знаеме дека во текот на овие локални избори, проблемот со смет доминираше и тоа беше најгорлив проблем за сите граѓани.

Прашан дали ќе биде повеќе насочен кон приватизација на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје или за средување на претпријатието, Трајановски одговори дека повеќе ќе се залага за кондиционирање на комуналното претпријатие во општината, како и набавка на нова механизација.

-Јас сум повеќе за кондиционирање на комуналното претпријатие во општината. Потребно е да се набави нова механизација, но и да се вработат нови луѓе. Многу е важно да се засилат капацитетите, за да не се најдеме повторно во ситуација во која што бевме до сега, а тоа е Град Скопје и „Комуналната хигиена“ да не можат да ги извршуваат своите надлежности. Треба ние да можеме да истапиме на терен, за да не страдаат граѓаните, додаде Трајановски.

Неговата генерална оценка за оваа изборна кампања, е дека истата беше фер и позитивна. Напомена оти се надева дека истата така ќе остане и во овој период.

-Изборната кампања во Аеродром генерално беше фер и позитивна и се надевам дека така и ќе остане. Негативни работи од наша страна беа преточени само во однос на она што не беше завршено во последните четири години, рече Трајановски.

Б.Т.