Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
-Дали Мицкоски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша Трајчулески од собраниската говорница.
Тој тврди дека се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија.
-Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата.
Ќе ја цитирам академик Ќулавкова „Да побарате од Бугарија да поднесеме заедничка резолуција за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт е еден вид руски рулет за Македонија, крајно неодговорен чин.
Или професорката Јачева Улчар која истакнува дека ваквата стратегија на владата носи ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа со Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог, додаде пратеникот.
Трајчулески смета дека на премиерот „очајно му треба старата испробана поделба на предавници и патриоти“.
-Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија. Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка.
Моето прашање до вас е: Дали сакате Македонија да ја вратите во 2008 кога Груевски почна да го спроведува режимот? И дали за вас бугарското негирање на македонскиот идентитет во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент е истиот мотив како што беше грчкото вето на НАТО Самитот во Букурешт за вашиот партиски претходник Никола Груевски, праша пратеникот од СДСМ.