Трајчулески: Одговорност за Кочани мора да има кај сите-нема правда ако e селективна

од Даниел Ѓорѓиевски
29 прегледи

Во актуелната дебата за правдата и одговорноста, пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески,  во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24, истакна дека партијата ќе продолжи да укажува на секој сомнеж за селективна правда.

Трајчулески објасни дека она што е презентирано од истражните органи е само прва фаза на истрагата.

„Очекуваме дека комплетната истрага ќе ја лоцира одговорноста кај сите засегнати. Не може да постои одговорност само за поранешни функционери, ниту пак да премижуваме на тековните функционери одговорни за јавниот ред и мир,“ рече тој, алудирајќи на функционерите кои биле на позиции во Министерството за внатрешни работи и пазарниот инспекторат во моментот на трагичната несреќа.

Тој понатаму истакна дека се следи истрагата од самиот почеток, кога не беше јасно кој орган е надлежен – дали МВР или Јавното обвинителство.

„Имавме случаи кога високи функционери, вклучително и премиерот и министерот за внатрешни работи, упатуваа прст кон поранешни функционери како виновници, без да се води сметка за пресумпцијата на невиност,“ нагласи Трајчулески.

Трајчулески ја нагласи потребата од формирање анкетна комисија, која ќе ги презентира сите факти и аргументи во врска со трагичниот настан.

„За да биде анкетната комисија ефикасна, потребно е истрагата да биде завршена и обвинение да биде поднесено, за да се добијат информации важни за јавноста,“ заклучи пратеникот.

Во продолжение на дискусијата, Трајчулески апелираше за фер и транспарентна истрага, нагласувајќи дека е важно да се обнови довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Слични содржини