Трајкоски: Немањето американска поддршка за Украина може да предизвика прелевање на војната во поширок регионален конфликт

од Nikola Popovski

Новиот пакет за безбедносна помош од милијарда долари за Украина и Израел, предложен од претседателот Бајден, едногласно блокиран од републиканците во американскиот Сенат. Сметаат дека гласањето е од суштинско значење за да се нагласи нивното барање за построга имиграциска политика и контрола на јужната граница. Група демократи тврдат дека блокирањето на законот ќе испрати порака и до противниците на САД и до сојузниците дека соединетите држави не стојат покрај своите меѓународни партнери.

Претходно од Белата куќа соопштија дека новата воена помош од 175 милиони долари за Украина би била последна, доколку се прекине поддршката за Киев, а со тоа ќе му се даде на Путин токму она што тој го сака. „Без дополнително финансирање, овие оружја ќе бидат меѓу последните што ќе ги испратиме, прекинувајќи ја поддршката и давајќи му на Путин токму она што го сака. Тоа би било само страшно, не само за народот на Украина, туку и за нашите национални безбедносни интереси и апсолутно, националните безбедносни интереси на нашите сојузници и партнери во Европа“, изјави Џон Кирби, портпаролот на Советот за национална безбедност.

Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи во разговор за „Локално“ ја коментираше ваквата одлука на Сенатот. Според него, ова е само привремен притисок врз тековната американска администрација и претседателот Џо Бајден да се вклучи во преговори со републиканците во поглед на имиграцијата но и други внатрешнополитички прашања. Тој верува дека поддршката кон Украина ќе продолжи во некаква форма.

-Каква форма ќе биде таа ќе видиме, мислам дека и американската јавност е малку изморена, а пред неколку дена имаше изјави дека веќе немаат повеќе пари за поддршка, но тоа во голем дел е поврзано и со американскиот долг и правото на задолжување, истакнува Трајкоски.

Соговорникот не верува дека ваквата одлука на Сенатот значи дека се ближи крајот на војната. Смета дека дури и без американска поддршка, Украина ќе продолжи да се брани, иако во моментов нема никаков напредок на борбеното поле.

-Но нема ниту Русија. Но секако немањето на американска поддршка ќе ја уназади Украина на бојното поле, не само ставајќи ги на ризик добивките што Украина претходно годинава ги постигна кога почна со контраофанзивата, туку и зголемувајќи ја веројатноста за руски воени победи. Такво сценарио може да предизвика прелевање на војната во поширок регионален конфликт вклучувајќи ги другите европски сојузници на САД, истакнува аналитичарот за безбедносна политика.

Пецо Трајкоски

Тој е дециден дека негласањето на новата американска помош за официјален Киев нема да значи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе тргне кон целосно освојување на Украина.

-На краток рок, пред се бидејќи во Европа доаѓа зима и секаков напредок ќе запре. Путин најверојатно ќе го искористи зимскиот период да ја напаѓа украинска инфраструктура со намера да предизвика што повеќе страдање на украинскиот народ. Исто така бидејќи се најавени избори во Русија и на анектираните територии, тоа укажува на обиди да се консолидира владеењето на тие простори. На подолг рок, Путин е свесен за трендот во кој во Европа на власт доаѓаат популистички лидери кои се против поддршката на Украина и ќе чека интересот на Западот да се намали бидејќи за него времето е сојузник, оценува соговорникот.

Шефот на руската надворешна разузнавачка служба им порача на САД дека поддршката на Западот за Украина ќе го претвори конфликтот во „втор Виетнам“ што ќе претставува проблем за САД во наредните години. За Трајкоски, тоа се предизвикувачки, но празни зборови насочени пред се кон американската јавност.

-Америка има особен интерес за Европа и страв дека ако Украина падне тоа ќе отвори поголеми апетити во Русија. Во Виетнам САД имаше своја војска и водеше борба во граѓанска војна за јужновиетнамската влада, која не доби целосна поддршка од своите граѓани. Јужновиетнамските војски не можеа да се одржат сами против Северновиетнамската армија. На Украина не и требаат американски војници , само оружје. Не гледам дека може да се повлечат паралели меѓу овие две војни, и сметам дека токму Украина може да биде Путиновиот Виетнам, тврди Трајкоски.

Н.П.

Слични содржини