Трајкоски: Постои „страв“ кај македонските власти дека испраќање војници во Украина би значело „заземање страна“

„Испраќање македонски војници во Украина лесно се чита како директна улога во пост-воената архитектура на Украина, а тоа носи ризик од политички притисоци, пропагандни напади и безбедносни последици“, вели за „Локално“, Трајкоски од НВО - Центар за стратегиски истражувања и анализи

од Nikola Popovski
66 прегледи Фото: Фејсбук

„Во јавната комуникација, Министерството за одбрана ја врзува одлуката со принципиелен став дека Македонија „секогаш била за мир и за безбедност“ и дека безбедноста на граѓаните е приоритет, па затоа македонски војници нема да бидат испратени во Украина. Ако ја читаме одлуката „под површината“, причините обично се попрактични отколку идеолошки. Прво, за малите армии, секое ново распоредување значи избор што ќе се жртвува дома или во постојните мисии/обврски, а мисија во Украина би носела повисок ризик, поголема логистика и потенцијално потешки правила на ангажман“, вели за „Локално“, Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи по повторниот став од министерот за одбрана, Владо Мисајловски дека Македонија нема да испраќа свои војници при евентуална мировна мисија во Украина.

Според соговорникот, најважно, во ваков турбулентен период, владите често не сакаат да излезат пред линијата на најсилниот партнер, во случајов САД.

-И во домашни и во странски анализи се провлекува дека официјалното позиционирање има елемент на усогласување со новата американска администрација и фокус на „побезбедни“ приоритети наместо ризично распоредување во Украина, посочува Трајкоски.

Аналитичарот оценува дека постои одреден „страв“ кај македонските власти дека испраќање војници би значело „заземање страна“, но, како што вели, не мора да биде „страв“ во драматична смисла, туку стратешка претпазливост.

-Македонија веќе е „на страна“ институционално како членка на НАТО, но испраќање војници на терен во Украина би било сосема друго ниво. Таков потег лесно се чита како директна улога во пост-воената архитектура на Украина, а тоа носи ризик од политички притисоци, пропагандни напади и безбедносни последици. Во суштина, за мала држава, тоа е чекор што бара јасен мандат и покритие од големите сојузници, а не само добра намера, дециден е Трајкоски.

Веќе е познато дека Македонија учествува како дел од КФОР во Косово, ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, УНИФИЛ во Либан, како и мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија. Запрашан дали е подобро целата евентуална мисија да биде под капата на Обединетите нации, а не поединечни земји да испраќаат свои војници, соговорникот смета дека од перспектива на легитимитет и „неутрална етикета“, ОН е најчистата рамка, мандат од Советот за безбедност, јасно дефинирани задачи и поголема меѓународна прифатливост.

-И историски, на Балканот токму присуството на ОН понекогаш делувало стабилизирачки, уверува Трајкоски.

Војната во Украина, според министерот за одбрана, Владо Мисајловски, останува главен предзивик во 2026 година. Тој вчера во изјава рече дека следуваат и геополитички тензии, хибридни и сајбер закани и нови форми на ризици за кои нашата држава заедно со сојузниците мора да остане подготвена да ги одврати и од нив да се одбрани. Дополнува дека Македонија држи чекор со обврските кои мора да ги исполни како членка на Алијансата.

Алијансата бара од нас да се зголеми нашиот буџет особено во делот на модернизација или капитални расходи и проекти, се бара отприлика 20 проценти, ние за следната година ќе имаме се вкупно 47 проценти. НАТО бара од нас 1,5% за други проекти и развој што ние на тој дел имаме доста проекти, во делот на Коридорите и другите институции. Зборувам за Коридорот 8 и 10 кои НАТО ги признава како НАТО коридори“, дополни Мисајловски.

Н.П.