Постои сигнал дека Русија ја започна летната офанзива во Украина. Во последните недели руските сили извршија масовни напади со дронови, крстосувачки и балистички ракети, насочени не само кон фронтовските линии туку и кон инфраструктурни, индустриски и цивилни цели низ целата територија на Украина. Со интензивно бомбардирање Русија се обидува да ги омекне украинските одбранбени позиции и да создаде услови за можен територијален напредок, вели во разговор за „Локално“, Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи за сегашниот развој на борбите на украинскиот фронт и се позачестените напади на Русија.
Според него, нападите врз електричната мрежа, транспортни системи и болници имаат за цел да создадат несигурност, страв и фрустрација меѓу цивилното население, со што би се ослабила поддршката за украинското раководство и би се зголемиле повиците за компромис или отстапки.
Трајкоски оценува дека во последните месеци, Русија направи квантен скок во производствените капацитети за беспилотни летала.
-Овие дронови, чија технологија потекнува од Иран, сега масовно произведуваат во Русија. Во суштина, дроновите станаа симбол на новата фаза на војната, каде Русија се потпира на масовност, психолошки притисок и технолошка едноставност, наместо скапи и сложени оружја. За Украина и нејзините сојузници, ова претставува сериозен предизвик, посочува аналитичарот и додава дека нападите се дизајнирани така што ја принудуваат Украина да користи скапи ракети за евтини дронови, што ги прави западните испораки недоволни на долг рок. Целта, тврди, е да се создаде дупка во одбраната што Русија може да ја искористи со помоќни удари.
Запрашан дали е ова начин да се уништи животот на обичниот народ насекаде во Украина, не само на фронтот, Трајкоски оценува дека ударите врз Киев и други градови подалеку од фронтот покажуваат намера да се искористи стравот како оружје. Тоа е обид, како што вели, за дестабилизирање на секојдневниот живот, парализирање на економијата и притисок врз украинската влада.
-Украина произведува десетици типови на дронови, вклучително и дронови со долг дострел кои можат да ја погодат Москва. Ова ѝ овозможува на Украина поевтино да одговори на руските напади и да напаѓа логистика длабоко во руска територија, објаснува Трајкоски.
Запрашан дали очекува зголемување на испораките на оружје од САД, соговорникот објаснува дека додека руските сили интензивираат воздушни напади и воени операции низ Украина, поддршката од Западот останува суштинска не само за одбраната на украинската територија, туку и за зачувување на основните принципи на меѓународниот поредок.
-Во прашање е не само опстанокот на Украина како суверена држава, туку и кредибилитетот на демократскиот свет. Во оваа фаза на војната, неодлучноста е исто толку штетна како отворена поддршка за агресорот. Ако Западот сака да го спречи сценариото во кое се нормализира насилното прекројување на граници, мора да покаже стратегиска одлучност, конзистентност и визија. Секоја одлука е чекор што не ја засилува само Украина, туку и безбедноста на Европа во целина, наведува аналитичарот.
Колку тоа значи продолжување на војната до недоглед и дали мировните преговори, по ваше мислење, пропаднаа, особено откако американскиот претседател Доналд Трамп изрази „разочарување од Путин“, според Трајкоски, во моментов тенденцијата покажува дека конфликтот би можел да се преврти во „вечна војна“.
-Неодамна излезе еден пејпер од поранешен министер за осбрана на Украина кој зборува за нова пристап кон одбраната на Украина, одбрана која не тежнее кон ослободување на окупираните територии за што Украина воопшто не е способна во моментов, туку кон тоа Русија воопшто да не може да напредува понатаму. Ова значи дека војната може да продолжи години без јасен крај, освен ако не се сменат основните претпоставки. Најновите сигнали укажуваат дека мировните напори стануваат се помалку веројатни. Идејата за прекин на огнот, предлагана од Трамп, се распаѓа бидејќи Путин не покажува никаква желба за мир . Денес има и нов развој во таа насока, каде Трамп изјави дека САД ќе испорачаат најдобро оружје кое очекуваат НАТО да го сподели со Украина, најверојатно поради неговата фрустрација заради игнорирањето од Путин, заклучува соговорникот.
Поддршката од САД за Украина продолжува. Вашингтон вети нова воена помош за Киев, вредна милијарди долари, вклучително и ракетни системи „Патриот“. Американскиот претседател се закани со санкции за Москва ако не се постигне договор за прекин на огнот во Украина, во рок од 50 дена. Според украинскиот претседател, мирот е можен само преку сила.
-Русија се обидува да ја направи војната да изгледа како нова нормалност. Мирот е можен само преку сила. Работиме на ниво на нашите тимови – на Украина и САД за да ги обезбедиме силите и средствата што ни се потребни за да го заштитиме животот и да ја одбраниме нашата држава, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Ако немаме договор за 50 дена, тоа е она што го правиме, секундарни царини. И тие се штетни. И се надевам дека нема да стигнеме до таа точка. Но, слушам толку многу муабети. Се е муабет, а потоа ракетите одат во Киев и убиваат 60 луѓе. Тоа мора да престане. Но, целта на ова е да склучивме многу голем договор, порача Трамп.
Украина ќе добие многу големо количество воена опрема благодарение на договорот меѓу НАТО и САД, изјави генералниот секретар на НАТО, Руте на средбата со Трамп во Вашингтон. Од Брисел ја оценија реториката на Трамп како позитивна, но велат дека е само предлог, а 50 дена се долг период. Состојбата во Украина, една од темите и на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
-Добар знак е што гледаме дека и Соединетите Држави сфатија оти Русија навистина не сака мир. За да имаме мир, треба да ја поддржиме Украина и треба да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека Американците ќе дејствуваат и со нивниот пакет санкции или царини, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.