Трајков: Проектите и идеите за кои зборуваме денес ќе ја создадат нашата иднина утре

„Можеме да го забрзаме протокот на стоки во регионот, можеме да ги зајакнеме нашите економии и можеме да ги претвориме предизвиците во можности, затоа што знаеме како", порача заменик-министерката Трајков

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: МЕП

Заменик- министерката за европски прашања, проф. др. Викторија Трајков денеска присуствуваше на регионалниот семинар во организација на UNECE што се одржува во Скопје.

Заменик-министерката го поздрави учеството на експертите од сите земји од Западен Балкан и порача дека искуствата од Обединетите нации и Европската Унија во оваа област се особено значајни и корисни.

,,Како земји чија иднина е во согласност со европските перспективи, ги знаеме нашите обврски и го знаеме нашиот пат што треба да го градиме заеднички и обединети. Идеите ги поврзуваат нашите луѓе, правејќи го регионот поинтегриран и посилен и покрај предизвиците што претстојат. Цврсто верувам дека проектите за кои зборуваме денес ќе ја создадат нашата иднина утре “нагласи Трајков.

Заменик-министерката рече дека можностите во рамки на Планот за раст ќе ги поттикнат плановите за обликување на иднината на следните генерации. Затоа апелираше да се искористат можностите што ги имаме и да ги направиме соништата реалност во име на посветла иднина за сите нас.

,,Можеме да го забрзаме протокот на стоки во регионот, можеме да ги зајакнеме нашите економии и можеме да ги претвориме предизвиците во можности, затоа што знаеме како” порача заменик-министерката Трајков.

Овој 7-ми семинар е продолжение на првичниот состанок што се одржа во декември 2006 година во Охрид, на кој визионерски беа поставени темелите за дигитализација на документи и процедури за обработка и размена на податоци во меѓународната трговија во регионот на Југоисточна Европа.