Работодавачите се крајно резервирани во врска со предложените препораки за вакцинација на вработените. Скепсата ја темелат на досегашната пракса во која секојдневно се соочуваат со недефинирани правила за регулирање на отуство од работа заради изолација, боледување, работа од дома….
Во интервју за „Локално“, претседателката на работодавачите на Македонија, Владанка Трајковска вели дека се согласни дека вакцинацијата е потребна но дека тоа не треба да биде само декларативно, туку со строго дефинирани чекори и правила.
„Нашиот став е јасен, се додека државата не завземе став, не донесе јасни напатствија ние сме тие кои ќе го почитуваме законот. Со препораки кои се паушални, неиздржани и некомплетни не се менуваат условите за работење во една приватна компанија“,вели Трајкоска.
Очекуваат до вторник да се прецизираат мерките за да не дојде до кршење на други закони или пак повторно соочување со ситуации на секојдневно решавање на проблемите во од.
„Многу фактори и многу законски обврски како работодавачи треба да испочитуваме за да бидеме заштитени и ние и работниците како дел од системот на функционирање. Измена во еден закон, доведува до нефункционалност на друг“, посочува Трајкоска.
Според неа, основни услови за успех се едукација и информираност. Казната вели, не е мотивација во ниту еден случај.
„Се уште сметаме дека правото на вакцинација е право на личен избор и одлука на вработените и ние не можеме да ја нарушиме приватноста на вработените кога тоа не е дефинирано со закон и законска обврска“, вели Трајкоска и посочува дека иако компаниите биле оставени сами да одлучат како ќе ги стимулираат вработените да се имунизираат, успешно се справиле со сите предизвицим и тоа во рамки на законските овластувања.
Груба проценка на ситуацијата покажува дека над 50 % од вработените во приватните компании се вакцинирани или имаат прележано КОВИД. Меѓу компаниите со најмногу вакцинирани работници е “Раде Кончар’’ каде тој процент е над 80.
Каков е ставот на Организацијата на работодавачи во однос на предложените мерки за задолжително тестирање на вработените кои не сакаат да се вакцинираат или да се приложи сертификат за примена вакцина?
-Од самиот почеток на пандемијата, па се до денес Владата носеше голем број на мерки и препораки, кои директно или индиректно ги засегаа работодавачите. Дел од тие мерки беа издржани и им го олеснуваа функционирањето во работењето, но останатите беа сериозно не применливи или се косеа со одредени законски прописи. Токму тука сакам да се надоврзам на препораките на Владата за задолжителното тестирање на вработените или потврдата за вакцинација. Организацијата на работодавачи како никојпат до сега континуирано ги известуваше своите членови за сите преопраки, насоки и обврски кои ги даваше Комисијата за заразни болести и Владата.
Ние како работодавачи од почетокот на пандемијата баравме и се залагавме државата да ги дорегулира и до прецизира проблемите со кои секојдневно се судираме, а тоа е дефинирање на одсуството од работа заради изолација, отсуство на заболени лица, боледување, работа од дома. Многупати се обраќавме до владата и институциите на системот со конкретни примери на спротивставени ставови помеѓу препораките на владата и законските одредби, но или институциите кои конкретно се занимаваат со овие препораки не ги засегаат овие проблеми или немаа слух за секојдневното работење и проблемите во стопанството. Токму во таа насока е и ставот на работодавачите, да го почитуваме законот и да добиеме јасни законски рамки во делот на функционирањето во услови на пандемија.
Дали треба приватниот сектор да ги подржи предложените мерки и како?
-Организацијата на работодавачи не е нити законодавец, нити контролор. Ние како организација ги поддржуваме сите законски обврски и сите одлуки на владата кои не се спротивни на Уставот и државните интереси.
Нашиот став е јасен, се додека државата не завземе став, не донесе јасни напатствија ние сме тие кои ќе го почитуваме законот. Со препорака кои се паушални, неиздржани и некомплетни не се менуваат условите за работење во една приватна компанија. Тука многу фактори и многу законски обврски како работодавачи треба да испочитуваме за да бидеме заштитени и ние како работодавачи и работниците како дел од системот на функционирање. Измена во еден закон, доведува до нефункционалност на друг.
Што прават работодавачите за да го зголемат процентот на вакцинирани и да се одржи континуитетот во работата?
-Работодавачите како носители на работниот процес на различен начин, секој во согласно своите можности и услови на работење се обидуваат да ги стимулираат и поттикнат своите вработени да се грижат за своето здравје и здравјето на своите семејства. Па уште од самиот почеток на оваа пандемија, работодавачите изнаоѓаат најразлични начини да функционираат непречено. Од тука, има многу креативни идеи и активности кои ги превземаат работодавачите да ги стимулираат работодниците да ги надминат предрасудите во врска со вакцинацијата и да го направат она што во моментот е најдобро за сите нас. Со континуирани дискусии, едукации, укажувања, мотивации и стимулирања на вработените се трудиме да го постигнеме она што како работодавачи од нас се очекува.
Имате ли анализа или груба проценка колку од вработените се вакцинирани?
-Ако ме прашувате за бројката на вакцинирани во компанијата во која работам, да, знаеме, но не во точен процент. Се уште сметаме дека правото на вакцинација е право на личен избор и одлука на вработените и ние не можеме да ја нарушиме приватноста на вработените кога тоа не е дефинирано со закон и законска обврска. Сепак, бројката секојдневно се менува и треба да бидеме свесни дека процентот на вакцинирани во една компанија зависи од повеќе фактори (демографски, социјални, едукативни…)
Кој е одновниот мотив вработените да се вакцинираат? – Бонус, награда, казна?
-Само со едукација и информираност може да се постигне успех. Казна не е мотивација во ниту еден случај. Како што напоменав и погоре компаниите сами го избираат начинот на кој ќе ги мотивираат вработените, секој согласно своите креативни и стимулативни можности. Сметаме дека секој вид на мотивација на вработените вродува со плод. Токму тука можам да заклучам дека компаниите и покрај тоа што се оставени сами да одлучат како ќе ги стимулираат вработените да се имунизираат успешно се справуваат со сите предизвици, секако во законски предвидените рамки.
Дали има компании кои на своја сметка ги тестираат вработените?
-Речиси сите приватни компании уште на почетокот на пандемијата правеа напори да не го загрозат процесот на работење, па со самото тоа и превземаа најразли мерки за заштита. Меѓу другото, една од мерките беше и тестирање на своите вработени во приватните лаборатории и на трошок на компанијата. Здравјето на вработените е придобивка на работењето во една компанија. Ние сме свесни дека грижата за нашите вработени и самите нас е наша обврска и токму така и се однесуваме.
Дали невакцинирањето на вработените влијае на процесот, како и во колкава мерка?
-Секако дека влијае. Не можеме да кажеме дека не влијае, кога самиот факт што вработените кои не се вакцинирани не можат за потребите на работењето да ја напуштат државата и воедно да влезат во друга држава. Самиот психолошки момент на несигурност кој се создава кај луѓето во работењето во услови кога работат со колеги кои не се вакцинирани е причина повеќе за нарушување на процесот на работење.
Организацијата на работодавачи како единствена репрезентативна организација која ги застапува интересите на работодавачите смета дека државата во своја рака ги има сите механизми за мотивација и стимулирање на населението, па оттука и на работниците да се вакцинираат. На институциите е дали тие ќе сакаат да го слушнат ставот на заедницата и да ги применат препораките. Ние како работодавачи сме должни да ги почитуваме законските обврски.
К.В.С.