В.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, на денешниот настан и посетата на компанијата Мако Маркет ДОО Скопје, заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи потенцира дека Инспекторатот е на терен и повторно ги повика граѓаните, ако забележат непочитување на мерките за гарантирана цена или пак какви било други прекршувања на закони да пријават во Пазарниот инспекторат.
„ДДВ од 5% си останува на основните прехранбени производи и покачување на цените нема да има и не смее да има. Трговците може дополнително да ги намалат цените на основните производи, но во ниту еден случај да ги зголемат.
Пазарниот инспекторат постојано врши надзори, и можам да кажам дека трговците генерално се придржуваат до одлуките на Владата. Но, ако утврдиме дека некој се обидува да манипулира со граѓаните, нема да биде поштеден, напротив ќе ја добие соодветната санкција. Сите заедно треба да функционираме и да градиме правичен систем во нашата држава, а оние кои не сакаат да бидат дел од тој систем ќе бидат казнети без селекција и без компромис по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат”, порача Трајковски.