Трајковски: Инспекторите се на терен, секој кој применува нечесни трговски практики ќе биде санкциониран

од Stefanija Kuzmanovska
307 прегледи

Директорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски денеска во објава на Фејсбук напиша дека Инспекторатот нема да го чека утрешниот ден, односно прекинувањето на важноста на мерката за гарантирани цени и најави дека инспекторите и денеска ќе излезат на терен.

„Никој не е над законот, а оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран, а во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период“, наведува Трајковски во објавата.

Нагласува дека вршат надзори во сите големи маркети на цела територија на државава, по сите закони по кои постапува Пазарниот инспекторат.

„Во изминатиот период, Пазарниот инспекторат беше на ниво на својата задача и не дозволивме никој да применува нечесни трговски практики и да не ги почитува антикризните мерки“, напиша Трајковски.

Тој апелира и до трговците на мало, но и до трговците на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните.

Мерката за гарантирани цени на дел од прехранбените производи, како лебот, млекото, јогуртот, тестенините, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото од утре повеќе нема да важи. Институциите веќе најавија засилени контроли за да се интервенира во случај на драстично поскапување на производите, со оглед дека законот за нефер трговски практики, со кој се очекува да се амортизира состојбата, се уште не е изгласан.

Слични содржини