Трајковски: Класичниот автобуски превоз со жолти ленти, комбиниран со наплата за влез во центарот и даноци, може да го реши сообраќајниот хаос во Скопје

Проф. Трајковски со предлог-решение за хаосот во Скопје: БРТ може да биде применлив само за нови градови со широки булевари, но за Скопје, со неговите тесни булевари, зелени појаси и историско јадро, класичниот автобуски превоз со жолти ленти е побрз, поевтин и попаметен избор

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Фејсбук

Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола излезе со свои предлози околу решавање на проблемот со јавниот градски превоз во Скопје и сообраќајниот хаос. Смета дека БРТ, односно брзиот автобуски транзит, е систем што комбинира флексибилност на автобуси со ефикасност на шини. Вели дека добар е за нови градови, но проблематичен за Скопје, град проектиран и изграден за околу 350, а не 600 илјади жители.

-Сепак, во Скопје БРТ не може лесно да се имплементира. Наменските сообраќајни ленти бараат одземање на простор од постоечките булевари, што може да значи губење на 1/3 до 1/2 од лентите за автомобили на булеварите како Партизански одреди или Илинден. Ова би ги влошило застоите, барем на краток рок, додека граѓаните не се префрлат на јавен превоз. Но, што ако не се префрлат, туку со индивидуалните возила продолжат да прават метеж, прашува Трајковски.

Професорот смета дека со обележување на постоечките улици со жолти линии за автобуси и имплементација на Transit Signal Priority (TSP) – технологија што дава предност на автобусите на семафорите – градот може да го направи јавниот превоз побрз и посигурен без да го жртвува просторот.

-Во Лос Анџелес, на пример, ваквиот систем го скратил времето на патување и чекање на автобусите за 10-20%, а во Сан Франциско го зголемил бројот на патници без да се одземаат ленти од автомобилите. За Скопје, ова е идеално. На постоечките автобуски линии, одржувани од ЈСП, можат да се пуштат во сообраќај автобуси на електричен погон, со батериски или водороден систем (со горивни ќелии) за складирање на енергијата, што би го намалило загадувањето и би го зачувал карактерот на булеварите, објави Трајковски.

Професорот потенцира дека БРТ може да биде применлив само за нови градови со широки булевари, но за Скопје, со неговите тесни булевари, зелени појаси и историско јадро, класичниот автобуски превоз со жолти ленти е побрз, поевтин и попаметен избор.

-Тој не ги жртвува дрвјата, тротоарите или паркинзите, а со електрични автобуси и паметни семафори може да го направи градот побрз, почист и попријатен. Комбиниран со наплата за влез во центарот и даноци за нови автомобили, овој систем би можел да го намали сообраќајниот хаос и да го врати воздухот што толку ни е потребен, а Скопје да стане пример за одржлив град во регионот, стои меѓу другото во објавата на Трајковски.