Трајковски: Нема да биде лесно со Грузија

од Nikola Popovski
259 прегледи

По првата победа во овој циклус, на гости кај Гибралтар, македонските фудбалски репрезентативци земаат залет за нови три бода, со кои би го освоиле врвот во нашата група 4. Противникот е познат и буди пријатни спомени, бидејќи токму против грузијците, на 12 ноември 2020 година остваривме историска победа за пласман на ЕУРО 2020. Но, тоа значи и дека сега тие ќе имаат уште поголем мотив за реванш и уште посериозно ќе го сфатат предизвикот наречен Македонија.

Репрезентативецот Александар Трајковски предупредува дека него и соиграчите ги очекува тежок натпревар од 20.45 часот, на кој мора да прикажат самодоверба и борба за секоја топка, ако сакаат да стигнат до планираната победа.

„Ова ќе биде еден од важните натпревари за македонската репрезентација. Треба да бидеме на наше највисоко ниво за да го добиеме. Играме пред наша публика и се надевам дека тоа ќе ни биде дополнителна мотивација. Мораме максимално да одиграме од првата до последната минута. Нема да биде воопшто лесен натпревар, Грузија е квалитетен противник и се разбира дека има свои амбиции за првото место во групата. Само со нашиот препознатлив тимски дух, самодоверба и борба за секоја топка можеме да ја постигнеме целта. Подготвени сме и ќе излеземе на терен да победиме“, изјави Трајковски, кој има 78 натпревари и 20 гола во националниот дрес.

Тој остана на клупата во историската победа во Тбилиси, исто како и на единствениот домашен меч против Грузија, во октомври таа година, кога одигравме 1-1. Грузијците не успеаја да ја совладаат Македонија и кога беа домаќини, во август 2020, резултатот и тогаш беше 1-1. Меѓутоа, покажаа дека сега се во одлична форма, триумфирајќи со 5-2 на гости кај Бугарија и со 4-0 дома со Гибралтар.

Слични содржини