Трајковски: Вирусот ќе го има насекаде, лицата кои не се вакцинирале и не прележале, да избегнуваат луѓе во затворен простор

од Берта Китинска
444 прегледи

Репродукцискиот број Rt и преносливоста продолжуваат да се намалуваат (на дијаграмот на првата слика), а денешниот број на случаи (1.155) совршено се поклопува со моделското предвидување. Пред нас се двата дена во неделата со вобичаено најголем број на случаи во неделата, па да видиме како ќе поминат. Ако во сабота видиме помалку од 1.300, би било релативен успех, пишува во својата дневна ковид- анализа проф.Дејан Трајковски.

-Од друга страна, стапката на позитивни тестови достигна рекордни вредности во овој бран. Денешната вредност изнесува 18,46%, а седумдневната подвижна средина изнесува 12,34% (сината и црвената линија на вториот дијаграм). Не сме далеку од точката од присуство на вирусот насекаде (пролетва тоа се случи при стапка над 30%), всушност тоа во моментот и се случува во Тетово и Гостивар. Тоа е точка на тотална капитулација, ттално неконтролирана ситуација кога повеќе ништо не помага, освен строг локдаун. Меѓутоа, ниту властите ниту населението тоа не го посакуваат, секој од свои причини. Тие што се заразиле го сметаат заразувањето за лоша среќа, а оние што сé уште не се заразиле мислат дека вирусот не им може ништо. Во Тетово одвај четвртина од населението верува во вакцини, па ништо подобро и не можело да се очекува. Храбро се одигрува сценариото на неконтролирано заразување и колективен имунитет од прележување.

Заклучно со 05.08.2021 (14 дена наназад од денес) во државата биле вакцинирани точно 20% од популацијата. Толку се реално заштитени со вакцините. Дури и да претпоставиме дека популацијата изнесува помалку од 2,08 милиони жители (пореално е околу 1,8 милиони, па дури и само 1,5 милиони жители, според директорот на ДЗС), сепак се работи за премал удел од популацијата заштитен со вакцини. Тоа секако би требало да се одрази на максималната вредност на стапката на позитивни тестови на врвот од овој бран, но не премногу. Ако во април сме имале 35%, сега би можеле да дотуркаме близу до 30%.

Со денешните 18,5% би требало да сме веќе поблиску до врвот отколку до подножјето на бранот. Сега многу побрзо и се додаваат нови случаи, па има шанси врвот на летниот бран да биде достигнат околу 1 септември, иако се уште е рано за попрецизна прогноза. Прогнозата за врвните дневни бројки засега е за околу 1.600, со можност за корекција нагоре.

Деновиве влегуваме во зоната на врвот, финалето на ужасот, па кој што не се вакцинирал и не прележал, најдобро да избегнива луѓе во затворен простор, затоа што вирусот ќе го има насекаде. Кога не би имале други индикатори, само со следење на стапката на позитивни тестови можеме многу да научиме, иако со масовно тестирање и во домашни услови статистиките се прилично искривени, пишува Трајковски.

Слични содржини