Трајковски за „Локално“: На НСДП потребни и се големи промени кои едноставно не се во агендата на Мисовски

од Vladimir Zorba
343 прегледи

По 17 години лидерство во НСДП, Тито Петковски најави дека нема да се кандидира за нов претседателски мандат во партијата. Со своето повлекување, како што тој најви, остава простор помладите да ја превземат одговорноста за водење на партијата.

Еден од кандидатите за негов можен наследник е Кристијан Трајковски, организациски секретар на партијата и актуелен директор – АДСДП на РСМ.

Тој најавува програма со која партијата ќе се трансформира во прогресивен и активен чинител на македонската политичка сцена.

-Програмата е сублимат на визии идеи и решенија од повеќе области. Има повеќе делови од областа на социјалната политика, здравство образование економија енергетика и сл и кои во наредниот период ќе бидат изнесени преку конкретни проекти. Но најважно од се’ програмата нуди визија за дигитализација и трансформација на НСДП во прогресивна партија на 21-иот век и активен чинител на македонската политичка сцена, вели Трајковски во разговор за „Локално“.

Можниот лидер посочува дека НСДП треба да биде отворена партија која со своите политики ќе привлече нови членови и ќе ги разбуди старите членови да предлагаат нови политики.

-НСДП постои веќе 17 години на политичката сцена и навистина во изминатиот период има бројни достигнувања кои се по заслуга на сите нас, на претседателот Петковски, на членовите и симпатизерите, но и на мојот противкандидат како и членовите кои го поддржуваат. Но, НСДП треба да биде отворена партија која со своите политики ќе привлече нови членови од една страна и воедно ќе ги разбуди старите членови да предлагаат нови политики. За да го направиме тоа, треба да се случат големи и темелни промени во партијата, кои едноставно не се во агендата на мојот противкандидат, подвлекува тој.

Трајковски посочува дека опструкциите кои доаѓаат од поеденци од партијата се повеќе го мотивираат да продолжи во својата борба.

-Поддршката воопшто не изостана туку напротив, охрабри многу наши членови да ме подржат во мојот концепт за НСДП. Ова ме мотивира уште повеќе да продолжам со мојата борба и да покажеме дека во НСДП, демократијата може да ги победи опструкциите, притисоците и недемократските практики, појаснува тој.

На 4 јуни тој очекува демократски избори без притисоци.

-Очекувам дека делегатите на НСДП ќе можат слободно, демократски и без никакви притисоци да го изберат својот нов претседател во демократски натпревар помеѓу повеќе кандидати. Само така, одлуките на Конгресот ќе го имаат потребниот легитимитет за повторно да го обединат целото членство и да ја подготват НСДП за идните предизвици, објаснува Трајковски.

На 14 мај годинава, беше соопштено дека Централниот одбор на Новата социјалдемократска партија (НСДП) за единствен кандидат за претседател на Петтиот конгрес на партијата го утврдил Горан Мисовски.

Предлогот за Мисовски бил утврден со мнозинство гласови од присутните членови на Централниот одбор, по завршување на дебатата.

Претходно, кандидатура и програма поднесе и Трајковски. Пред седницата на Централниот одбор тој даде изјава во која изрази надеж дека верува во демократскиот дух на партијата. Но, по седницата, тој најави дека ќе се самокандидира на самиот конгрес на 4 јуни.

Петковски разочаран на заминување

– Јас од самиот почеток на отворањето на постапката на редовен Конгрес решив партијата да биде транпарентна, што би ја красело една демократска партија. На самиот старт со отворањето на постапката за избор на нови раководства, групата од десет членови на чело со Горан Мисовски и Соња Мираковска и сите останати функционери што се на листа на НСДП на сите државни функции, зазедоа став дека на партијата не ѝ требаат повеќе кандидати, што е спротивно на програмата на партијата, изјави во „Утрински брифинг“, Тито Петковски.

Петковски е поранешен потпретседател на Собранието на РМ во првиот парламентарен состав, пратеник во трите претходни парламентарни состави, а од 1996 година до третите парламентарни избори и претседател на Собранието на РМ.

Партијата е формирана во 2005 година.НСДП од 2006-та до 2008 -та година беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а сега е со владејачката СДСМ. НСДП во Собранието е претставена од двајца пратеници, Горан Мисовски и Соња Мираковска.

Б.М.