Трајковски: Зголемувањето на платите е прераспределба, а не инфлација

„Зголемувањата на минималната плата треба да бидат постепени, за да се избегнат економски шокови и затворање на компаниите. Доколку се забележи значително затворање на бизнисите, би требало да се олабави политиката на зголемување на платите со закон“, смета проф. Трајковски

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, кој коментира разни теми од општеството, смета дека зголемувањето на платите е прераспределба, а не инфлација. Според него, доколку платите се зголемат само кај вработените финансирани од буџетот, предупредувањето за инфлација има логика, бидејќи не би било од реални извори.

-Зголемените плати тогаш би значеле поголеми расходи за државата и зголемен буџетски дефицит. За да се финансира тоа, државата би морала да се задолжува или да печати пари, што би создало инфлациски притисок. Меѓутоа, ако платите растат во приватниот сектор поради законско зголемување на платите (не само на минималната!), ефектот е сосема поинаков. Во овој случај, зголемувањето на платите е реално и одржливо, затоа што се работи за прераспределба на профитот од сопствениците кон работниците. Малото зголемување на цените е исто така здраво, бидејќи е резултат на зголемување на платите. Тоа би значело дека се приближуваме кон побогатите земји според куповната моќ, објаснува професорот.

Трајковски оценува дека цените можат малку да пораснат поради два главни механизми:

-Прво, поради поголема куповна моќ на работниците. Кога луѓето имаат повеќе пари, тие купуваат повеќе производи и услуги. Порастот на побарувачката може да охрабри дел од компаниите да ги зголемат цените.

Второ, поради зголемени трошоци за компаниите. Со повисоки плати, трошоците за производство се поголеми и некои компании може дел од тие трошоци да ги пренесат на потрошувачите преку зголемување на цените, посочува професорот, додавајќи дка зголемувањата на минималната плата треба да бидат постепени, за да се избегнат економски шокови и затворање на компаниите.

-Доколку се забележи значително затворање на бизнисите, би требало да се олабави политиката на зголемување на платите со закон. Со повисоки плати, државата исто така би прибирала повеќе даноци, што би ја подобрила финансиската позиција на јавниот сектор и би овозможила индиректно подобрување на платите за вработените финансирани од буџетот, без зголемување на буџетскиот дефицит и раст на задолженоста.

На овој начин, Македонија може да ја зголеми благосостојбата на граѓаните, да го намали јазот со поразвиените земји и да овозможи повисоки плати без создавање сериозни инфлациски проблеми. Зголемувањето на платите, особено кога се комбинира со економски раст и постепено прилагодување, е најдобар инструмент за праведна прераспределба на богатството и одржлив развој, стои, меѓу другото, на јавната објава на на професорот.