
Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека најмалку 20 држави во кои живеат 40% од населението на земјата, изјавиле подготвеност веднаш да ги укинат ограничувањата, наметнати од коронавирусот.
„20 држави, кои претставуваат 40% од американското население, најавија дека прават планови и се подготвуваат за безбедно продолжување на економската активност во најскоро време. Тие сакаат да се вратат на работа. Земјата сака да се врати на работа“, изјави американскиот претседател на брифингот во Белата куќа.
Трамп, исто така, најави дека бродот „Comfort Floating Hospital“, кој беше испратен во Њујорк кон крајот на март за да ја олесни работата на локалните болници, наскоро ќе се врати во својата база во Вирџинија.
„Го прашав гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, дали можеме да го вратиме „Comfort“. Тој рече дека можеме да го сториме тоа. Ние ќе го вратиме бродот многу наскоро, тој ќе се подготви за својата следна мисија“, рече американскиот претседател.
Координаторот на Белата куќа за борбата против ширењето на коронавирусот, Дебора Беркс, истакна дека има подобрување во епидемиолошката состојба во многу големи американски градови, вклучително и Њујорк.