Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го критикуваше неговиот наследник Џо Бајден дека е „опседнат со заштита на украинската граница“, а во исто време ги затвора очите пред кризата на американската граница со Мексико.
„Сите во Вашингтон се опседнати со идејата како да се заштити украинската граница, но за нас во моментов најважната граница во светот не е украинската, туку американската граница“, им рече Трамп на своите поддржувачи на митингот „Save America“ во Конро, Тексас.
Наведувајќи го рекордниот број илегални мигранти кои стигнале до границата меѓу САД и Мексико, поранешниот претседател го спореди приливот на луѓе со „инвазија“ што ја загрозува безбедноста на САД. Трамп тврди дека Бајден веќе ја „предал“ американската граница.
„Пред нашите лидери да зборуваат за инвазија на други земји, тие мора да престанат со инвазијата на оваа земја“, додаде Трамп, сугерирајќи дека САД треба да ги зголемат трупите на својата јужна граница наместо да распоредуваат американски војници поблиску до прагот на Русија.
„Пред Џо Бајден да испрати војска да ја брани границата во Европа, тој треба да испрати војници да ја бранат нашата граница токму овде во Тексас“, посочи Трамп.