Поранешниот американски претседател Доналд Трамп рече дека поради катастрофата што се случи во Авганистан, неговиот наследник Џозеф Бајден ги понижи САД повеќе од кој било друг претседател во историјата.
„Ова е ужасно време за нашата земја. Не мислам дека нашата земја беше толку понижена сите овие години. Не знам како да го наречам, воен пораз или психолошки пораз“, рече Трамп во вторникот за „Фокс њуз“.
Поранешниот американски претседател ја спореди ситуацијата со иранската заложничка криза во 1979 година и праша дали одлуките на сегашната американска администрација ќе предизвикаат полош развој на настаните, бидејќи Талибанците го опкружуваат меѓународниот аеродром во Кабул со нивните контролни пунктови, а има и извештаи за тепање и други насилства, пренесе „Танјуг“.
Тој исто така рече дека, за време на минатогодишните преговори, тој го предупредил талибанскиот лидер Мула Абдул Гани Барадар дека Соединетите Држави ќе возвратат десет пати посилно ако Американец е повреден или ако милитантните сили навлезат во забранетите области.