Претседателот Доналд Трамп остро реагираше на протестите што изминатиот викенд го потресоа Лос Анџелес, оценувајќи дека испраќањето на Националната гарда било клучна одлука за спречување на целосно уништување на градот.
„Доколку не ја испратевме Гардата, Лос Анџелес ќе беше целосно уништен“, порача Трамп преку својата платформа Truth Social, упатувајќи жестоки критики до локалните власти во Калифорнија, кои – според него – не ја контролирале ситуацијата. Протестите, кои започнаа како реакција на најавените масовни депортации и заострената имиграциска политика на администрацијата, ескалираа во нереди – со палење автомобили, судири со полицијата и употреба на молотови коктели.
Центарот на Лос Анџелес беше прогласен за „забранета зона“, а безбедносните сили наредија расчистување на улиците. Во текот на двата дена беа уапсени вкупно 39 лица. Меѓу нив се најде и Дејвид Хуерта, претседателот на синдикатот на јавните службеници во Калифорнија, кој беше приведен од федерални агенти поради, како што беше наведено, попречување на работата на имиграционите служби. При апсењето, Хуерта претрпе повреди, што дополнително ги вжешти реакциите на јавноста.
Интервенцијата на Националната гарда беше поздравена од претседателот Трамп, кој ја искористи приликата за да ги нападне гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом и градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас, обвинувајќи ги за некомпетентност и прикривање на реалната состојба.
„Наместо да кажат ‘ви благодарам’, тие лажат дека протестите биле мирни. Само погледнете ги снимките од уништувањето и ќе ви стане јасно“, напиша Трамп.
Во Чикаго, пак, како одговор на акциите во Лос Анџелес, се одржа митинг за поддршка на имигрантите. Демократскиот сенатор Хесус Гарсија испрати директна порака до Белата куќа: „Не одиме никаде. Ова не е за безбедност – ова е обид за замолчување. Но, нема да се повлечеме“.
Администрацијата на Трамп најави продолжување на тврдата линија, со план да се притвораат околу 3.000 луѓе дневно од страна на Службата за имиграција и царина (ICE) и да се зголеми присуството на федералните агенти во чувствителните подрачја.