Поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигна во Њујорк каде денеска треба да биде сослушан од државниот правобранител во врска со граѓанска тужба против него за деловна измама во износ од 250 милиони долари.
Сослушувањето ќе се одржи зад затворени врати и веројатно нема да привлече толку внимание како посебната кривична пријава против Трамп која беше поднесена минатата недела, објави „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека Трамп ќе се појави пред обвинителката на државата Њујорк, Летиција Џејмс во долниот дел на Менхетен, која ќе го испрашува за неговите деловни практики.
Тужбата го обвинува Трамп, заедно со други лица, за децениски манипулирање со вредноста на имотот со цел да добие поволни заеми и даночни олеснувања.
Почетокот на судењето за овој случај е закажан за 2 октомври.