Трамп ги искористи терористичките напади во Франција за да го оцрни Бајден

од Vladimir Zorba

Доколку кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, победи на претседателските избори во САД, тој ќе го отвори патот за влез на исламските терористи во Америка, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој за време на митингот во Флорида рече дека Бајден сака да ги укине забраните за патување и да донесе бегалци од најопасните делови на светот.

„Тоа ќе ја отвори вратата за радикален исламски тероризам“, рече Трамп.

Трамп тврди дека Бајден ќе бара укинување на забраната што американскиот претседател ја воведе на почетокот на неговиот мандат во 2017 година и дека на тој начин ќе ги направи САД ранливи на напади како што ги видовме изминативе денови во Франција.

Претседателот на САД алудираше на обезглавувањето на учител по француски јазик за прикажување карикатура на исламскиот пророк Мухамед пред две недели и вчерашниот напад во кој туниски мигрант уби три лица со нож во Ница.

За време на својот говор, Трамп испрати порака со сочувство до претседателот на Франција, Емануел Макрон.

– Со срце сме со народот на Франција. Америка стои покрај нашиот најстар сојузник во оваа борба. Терористичките напади на радикалните исламисти мора веднаш да запрат. Ниту една земја, без разлика дали е Франција или која било друга, не може да го толерира тоа долго време – нагласи Трамп.

Американскиот лидер предупреди дека САД, според „планот на Бајден“, секојдневно ќе доживуваат страшни напади, слични на оние во Франција.

Слични содржини