Високи претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Кит Келог, ќе отпатуваат во Истанбул овој четврток на можни разговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, соопштија тројца извори запознаени со плановите. Сѐ уште не е познато дали на средбата ќе присуствува претставник од руската влада. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „штом претседателот ќе смета дека е соодветно, ќе објавиме кој ќе ја претставува Русија“.
Белата куќа, Стејт департментот, Советот за национална безбедност и портпаролот на Виткоф досега не дадоа официјален коментар. Од украинска страна, претседателот Володимир Зеленски најави дека ќе учествува на разговорите само доколку таму присуствува и рускиот претседател Владимир Путин. Советник на Зеленски истакна дека ова е начин да се покаже дали Кремљ навистина е заинтересиран за мир.
Путин, кој ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година, сѐ уште не објавил дали ќе патува во Турција. Војната досега однесе стотици илјади животи од двете страни. Претседателот Трамп, кој моментално е на Блискиот Исток на средби со лидери од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, изјави дека ќе отпатува за Истанбул ако тоа биде потребно.
Американските претставници во текот на викендот го повикаа Зеленски да се согласи на директна средба со Путин и да ги објави своите намери за отворени мировни преговори. САД се надеваат дека ќе дојде до договор за 30-дневно примирје што ќе важи на копно, во воздух, на море, како и кај критичната инфраструктура. Киев веќе се согласил со тој предлог, изјави висок американски функционер.
Примирјето има поддршка и од страна на европските земји. Доколку Москва не го прифати предлогот, Европската Унија ќе воведе нов пакет санкции против Русија. Според еден европски функционер, санкциите ќе бидат насочени кон руската „флота во сенка“ – мрежа на бродови што Русија ја користи за заобиколување на постојните санкции.