Денес Мароко, со посредство на Соединетите Американски држави, склучи договор со Израел за нормализирање на односите, што стана четврта арапска земја што одлучи да ги остави настрана несогласувањата со еврејската држава во последните четири месеци, пренесе Ројтерс.
Како дел од договорот, американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да го признае суверенитетот на Мароко над Западна Сахара. Мароко води војна во Западна Сахара со децении со движењето за ослободување Фронт Полисарио, кое го поддржува Алжир, и кое се обидува да воспостави независна држава на оваа територија.
Високиот американски државник наведува дека Трамп го склучил договорот во телефонски разговор со мароканскиот крал Мохамед Шести, пренесува Танјуг.
– Уште еден историски успех. Нашите големи пријатели, Израел и Кралството Мароко, се согласија да воспостават целосни дипломатски односи – објави Трамп на Твитер.
Договорот предвидува воспоставување дипломатски и официјални контакти меѓу Мароко и Израел, летови преку израелскиот воздушен простор, како и директни летови со оваа земја.
Високиот советник на Белата куќа, Џеред Кушнер, изјави за Ројтерс дека земјите ќе отворат амбасади и ќе ја унапредуваат економската соработка меѓу израелските и мароканските компании.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави договорот за нормализирање на односите со Мароко, склучен со посредство на САД и најави дека ќе бидат воспоставени директни летови и дипломатски контакти меѓу двете земји, пренесува Ројтерс.
Мароко е четврта муслиманска земја што склучи договор за нормализирање на односите со Израел во последните четири месеци, по Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Судан.
Договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Мароко, склучен со посредство на САД, може да биде меѓу последните потпишани од сегашната администрација, со оглед на тоа што на 20 јануари Доналд Трамп ќе биде заменет со новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Администрацијата на Трамп, исто така, се обиде да добие договор потпишан меѓу Саудиска Арабија и Израел, но Ријад рече дека сè уште не е подготвен за тој чекор.
„Ел Ал Израел ерлајнс“ денес објави дека ја разгледува можноста за воведување директни летови меѓу Израел и Мароко, откако склучи договор за нормализирање на односите меѓу двете земји.