Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја поддржа кандидатурата на Кевин МекКарти за претседател на Претставничкиот дом на Конгресот на САД.
Трамп напиша објава на сопствената социјална мрежа Truth Social, во која ги повика републиканските пратеници да гласаат за МекКарти.
„Имаше навистина добри разговори минатата ноќ, а сега е време сите републикански членови на Претставничкиот дом да гласаат за Кевин и да победат и да ја гледаат лудата Ненси Пелоси како лета дома во скршената Калифорнија“. Таа е единствената претседателка на Претставничкиот дом на Конгресот која двапати го загуби мнозинството во домот“, напиша поранешниот претседател во објава на својата платформа.
Тој ги повика републиканците да не дозволат нивниот голем триумф да се претвори во срамен пораз.
„Вознемирувачки почеток на годината“
„Време е за славење, вие го заслужувате тоа. Кевин Мекарти ќе заврши добра работа, можеби дури и одлична, само гледајте“, напиша Трамп.
Да потсетиме, тврдокорните републиканци во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во вторникот трипати го спречуваа изборот на нивниот партиски колега Кевин Мекарти за претседател на тоа тело.
На првиот ден од изборите за лидер на долниот дом на Конгресот, кои делуваа како пресметка меѓу дваесетте тврдокорни и другите 202 членови на републиканската пратеничка група, Мекарти не успеа да ги добие потребните 218 гласови за да стане претседател на Претставничкиот дом во три гласачки ливчиња.
Тоа беше вознемирувачки почеток за новото републиканско мнозинство што ги истакна предизвиците со кои партијата може да се соочи во следните две години, пред претседателските избори во 2024 година.
Нивното тенко мнозинство дава поголемо влијание на мала група тврдокорни кои сакаат промени во владеењето што ќе им даде посилна контрола врз претседателот на Домот и поголемо влијание врз пристапот на партијата кон трошењето и задолжувањето.