Трамп ги повтори тврдењата за имигрантите дека јадат домашни миленици

од Milan1
22 прегледи

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ги повтори тврдењата дека имигрантите во Охајо јадат домашни миленици, велејќи им на гласачите на латино настан во Мајами дека „само го пренесува“ она што го објавија медиумите.

Во неколку недели пред претседателските избори во САД, Трамп вчера го повтори тврдењето кое стана вирално дека имигрантите од Хаити во Спрингфилд крадат миленичиња или земале животни од парковите за храна, објави „Ројтерс“, додавајќи дека нема веродостојни извештаи за Хаитчаните кои јадат домашни миленици , а официјални лица во Охајо, вклучително и републиканци, неколку пати повторија дека приказната е лажна.

На настан организиран од шпанската телевизија „Univision“ латино републиканец од Аризона го праша Трамп дали навистина верува дека имигрантите јадат домашни миленици. „Само го пренесов она што беше објавено“, одговори Трамп.

Тој додаде дека „весниците“ пишуваат на оваа тема, иако тој конкретно не именуваше ниту еден медиум, ниту наведе други детали. Трамп, кој допрва треба да го посети Спрингфилд, претходно изјави дека ќе изврши масовни депортации на имигрантите од Хаити од градот, иако повеќето од нив се легално во САД.

Трамп се натпреварува со демократската претседателска кандидатка Камала Харис за латино гласовите. Латино гласачите имаат тенденција да ги поддржуваат демократите, но кампањата на Трамп се надева дека ќе освои повеќе гласови, особено мажите, поради економското незадоволство, објави агенцијата.

Според анкетите спроведени од Ројтерс и Ипсос во периодот од 11 септември до 7 октомври, Харис водела меѓу латино гласачите во однос на Трамп за осум отсто – таа имала 47 отсто, а Трамп 39 отсто, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини