Американскиот претседател Доналд Трамп ги продолжи санкциите против Русија и вонредната состојба што во земјата ги воведе администрацијата на неговиот претходник Џозеф Бајден поради заканите од Русија за уште една година, се наведува во текстот на документот со наслов „Продолжување на вонредната состојба во врска со специфичните малигни странски активности на Владата на Руската Федерација“, објавен на веб-страницата на Федералниот регистар на САД.
Вонредната состојба во Соединетите држави беше прогласена на 15 април 2021 година, за „борба против необичната и вонредна закана за националната безбедност, надворешната политика и економијата на Соединетите Држави од гореспоменатите малигни странски активности на руската влада“, се наведува во документот.
Оваа уредба беше изменета и проширувана неколку пати од администрацијата на Бајден, а последното ажурирање на документот, од 10 април, наведува дека вонредната состојба треба да остане на сила и по 15 април оваа година.
Забележано е дека санкциите против Русија се воведени поради обид за „поткопување на спроведувањето на слободни и фер демократски избори и демократските институции во Соединетите држави“ и во земјите кои се американски сојузници и партнери. Исто така, се истакнува дека Русија спроведува „злонамерни сајбер активности против Америка и нејзините сојузници“ и користи „транснационална корупција за да влијае на странските влади“.
Стејт департментот, исто така, ја обвинува Русија дека спроведува екстериторијални активности насочени против дисиденти или новинари и ја поткопува безбедноста во земјите и регионите важни за националната безбедност на САД и дека ги прекршува општоприфатените принципи на меѓународното право, вклучувајќи го и почитувањето на територијалниот интегритет на државите.