Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го назначи Дејвид Сакс, инвеститор на ризичен капитал и подкастер, за советник и координатор за областите на вештачката интелигенција и криптовалутите.
Трамп таа одлука ја објави на социјалната мрежа „Truth Social“, објави „CNN News“.
Работата на Сакс ќе вклучува создавање правна рамка за криптовалути, како и водење на Претседателскиот совет за наука и технологија.
„Дејвид ќе се фокусира на тоа Америка да стане глобален лидер во двете области. Тој ќе ја брани слободата на говорот на Интернет и ќе не оддалечи од предрасудите и цензурата на големите технолошки компании“, информирал Трамп.
Сакс стана истакнат поддржувач на Трамп претходно оваа година, кога тој беше домаќин на собирање средства за него на неговиот имот во Сан Франциско.
Билетите беа продадени за 50.000 долари, а имаше пакети од 300.000 долари кои вклучуваа привилегии како фотографирање со Трамп.
Како што истакнува споменатиот медиум, Сакс првично беше остар критичар на Трамп по нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, кога изјави дека Трамп е одговорен за тие настани.
Сакс стана познат и по неговиот подкаст „All-in“. Трамп го нарече подкастот „најдобар во технолошката индустрија, каде Сакс и неговите пријатели разговараат за економски, политички и социјални прашања“.