Американскиот претседател Доналд Трамп во средата го критикуваше украинскиот лидер Володимир Зеленски за неговата изјава дека нема да ја признае руската окупација на Крим, нарекувајќи ја запалива изјава која само ќе го отежне постигнувањето мировен договор.
„Таа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија“, објави Трамп на социјалните мрежи, додавајќи дека „Крим беше изгубен пред неколку години под покровителство на претседателот Барак Хусеин Обама“ и „не е ни за дискусија“.
Во вторникот, Зеленски повтори дека Украина нема да ја признае руската окупација на Крим и дека „нема за што да се зборува“.
„Тоа е против нашиот устав“, рече Зеленски.
Трамп за Зеленски рече дека „нема со што да се пофали“.
„Ситуацијата во Украина е ужасна. Тој може да има мир или може да се бори уште три години пред да ја изгуби целата земја“, рече Трамп.
„Немам ништо со Русија, но имам желба да спасам, во просек, по пет илјади украински и руски војници неделно кои умираат без причина“, додаде Трамп.
Според него, „никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија“. „Но, ако тој го сака тоа, зошто не се бореа за Крим пред 11 години кога беше предаден без ниту еден истрел“, рече Трамп.
Трамп предупредува дека изјавите на украинскиот лидер само ги продолжуваат „убиствените полиња“.
„Никој не го сака тоа“, рече Трамп.