
Претседателот на Соединетите држави, Доналд Трамп ја обвини Кина дека е одговорна за „масовни убиства ширум светот“, како резултат на пандемијата од коронарнавирус.
Трамп, кој ја намали сериозноста на заканата на почетокот на пандемијата, значително го смени ставот и сега ја обвинува Кина дека дозволила ширење на вирусот, кој однесе 325.000 животи.
– Некоја будала во Кина објави дека сите се криви за вирусот, освен Кина, за вирус кој уби стотици илјади луѓе. Ве молам некој нека му објасни на овој глупак дека ова беше неспособност на Кина и ништо друго, која е одговорнa за масовни убиства ширум светот, напиша Трамп на Твитер.
Во соопштението, Трамп не објасни за која изјава тој мислел, но се претпоставува дека се работи за изјавата на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лијан, кој рече дека писмото на американскиот претседател до Светската здравствена организација е полно со клевети.
– Отвореното писмо на американската влада се обидува да ја измами јавноста, со тоа што ги понижува напорите на Кина за сузбивање на вирусот и ја префрла одговорноста на друг, со цел да ја прикрие сопствената неспособност да се бори против пандемијата, рече Жао.