Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го награди Специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, со медал за национална безбедност, за неговиот придонес во постигнувањето и потпишувањето на економскиот договор меѓу Белград и Приштина.
– Амбасадорот Ричард Гренел беше награден за неговиот исклучителен придонес што овозможи историско потпишување на нормализирање на економските односи меѓу Србија и Косово. Според договорот, Србија и Косово повторно ги воспоставија директните воздушни и железнички линии и автопати, клучни инфраструктурни проекти потребни за да се олесни економскиот раст и навремено да се транспортираат стоки и луѓе, се вели во изјавата на Трамп.
Изјавата ја објави амбасадорот Гренел на Инстаграм.
– Овој договор е важен чекор кон градење на помирна, безбедна и просперитетна Европа. Придонесите на амбасадорот Гренел за постигнување на овој историски дипломатски напредок во Србија и Косово ќе доведат до посветла иднина за милиони луѓе – се наведува во одлуката.
Белград и Приштина на 4 септември потпишаа два документа за нормализирање на економските односи во Вашингтон, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.